Во текот на јануари годинава во пречистителната станица за отпадни води Волково пречистени се вкупно 71.339 кубни метри отпадна вода.
Притоа, од механичкиот предтретман на водата се отстранети приближно два тона различен отпад, информираат од ЈП „Водовод и канализација”.
Пречистителната станица за отпадни води Волково е наменета за чистење на комуналните отпадни води што доаѓаат од собирното подрачје на населбите Кисела Јабука, Стопански двор и Волково. Станицата е предвидена за 19.500 еквивалент жители. За пречистување на отпадните води се користи современа СБР технологија, а се прават и анализи на параметри кои се предвидени во дозволата за испуштање отпадна вода во реката Лепенец.
Од ЈП „Водовод и канализација” информираат и дека во периодот од 3 јануари до 31 јануари биле изработени анализи на 14 примероци од две мерни места. Направените анализи покажуваат задоволителни резултати и висок процент на ефектот на пречистување, а вредностите на параметрите на излез се движат во границите на максимално дозволените концентрации според Правилник.