По затвор во Идризово почина првиот претседател на Македонија
На 24 јули 1957 година во Прилеп умрел М. А. Ченто, македонски револуционер и државник, прв претседател на Иницијативниот одбор за свикување на Првото заседание на АСНОМ и борец за правата и слободата на македонскиот народ. Во 1946 година со пресуда на Окружниот суд во Скопје, бил осуден според Законот за кривични дела против народот и државата и тоа со лишување од слобода 11 години. Умре како маченик, а рехабилитиран е во октомври 1990 година. Ченто е роден во Прилеп на 17 август 1902 година.Поради неговата функција претседател на Президиумот на АСНОМ, Ченто често се именува и како прв Претседател на Македонија.
Тој е син на Андон, кој бил по потекло од прилепското село Леништа, и Захарија (Зака), која била по потекло од прилепското село Плетвар. Во младоста бил одличен гимнастичар, завршил средно трговско училиште во Прилеп и во 1926 година отвориле бакалско-угостителски дуќан со што си обезбедил пристојна егзистенција. На 25 март 1930 година, во Нови Сад, склучил граѓански брак со Василка Спирова Поп-Атанасова што предизвикало бурни реакции во конзервативната прилепска средина. И, по враќањето во Прилеп, на 5 мај биле казнети со по 20 дена затвор поради вонбрачно живеење. Со Василка, Ченто има четири деца, а нивниот најстар син, Илија Андонов – Ченто, во 1990-те напишал биографија за својот татко.Ченто ја бранел македонската национална кауза уште од раната младост.
Учествувал на изборите во 1935 година како заменик кандидат, а на изборите во 1938 година и како кандидат на листата на Здружената опозиција, бранејќи ја македонската национална кауза и залагајќи се за поголема слобода на Македонците и отворање на училишта на македонски јазик. На изборите во 1938 година од вкупниот број гласови дадени за кандидатите на опозицијата, Ченто добива најмногу, но не бил избран за пратеник поради државната манипулација со изборниот систем.
Организатор на Илинденските демонстрации
Ченто бил еден од организаторите на Илинденските демонстрации во Прилеп (1940), за што бил затворен во затворот во Велика Кикинда. Во 1940 година се залагал за воведување на мајчин македонски јазик во наставата во училиштата и повторно бил затворен и интерниран во Баина Башта. Тој бил осуден на смрт, дури и бил одведен на стрелање, но бил ослободен во последен момент на 15 април 1941 година.Пред Втората светска војна повеќе пати бил претставник на прилепскиот трговски еснаф, а во периодот 1935 – 1940 бил претставник на прилепските трговци во Индустриско-трговската комора во Скопје, каде што јавно истапил пред нападите на српската влада дека народот во Македонија не е благодарен на сите добродети што ги направила владата, велејќи дека доколку Македонија им се остави на Македонците, тие од нејзе ќе направат цветна градина и развиена економска земја. За ваквите изјави бил известено Белград од каде биле оценети како сепаратистички и автономистички.
Ченто бил многу почитувана личност во прилепската чаршија.
Уште на почетокот на бугарската окупација, на 26 април, Ченто добил покана да соработува со бугарските окупаторски власти. Тој ја одбил поканата и наместо тоа одбрал да соработува со тие што се залагаат за ослободување на Македонија од нејзините нови окупатори кои ги замениле српските. Бугарските власти во 1942 година го интернирале прво во селото Мелницаф, близу бугарско-турската граница, а потоа во логорот Чучулигово, Петричко во Пиринска Македонија.По неговото ослободување од интернација, Главниот штаб на НОВ и ПОМ на 21 август 1943 година му испраќа писмо во кое го повикува да се приклучи на НОБ. Во септември се среќава со својот сограѓанин Кузман Јосифоски – Питу, по што Ченто се приклучил на НОБ.Како дел од Одборот учествува во подготовките и организацијата на свикувањето на АСНОМ.
На почетокот од мај 1944 година тој, Емануел Чучков и Кирил Петрушев заминуваат за Вис на средба со Народниот комитет за ослободување на Југославија на чело со Јосип Броз Тито. Средбата се одржала на 24 јуни при што македонската делегација го поставила прашањето за обединување на Македонија по ослободувањето од окупацијата.По враќањето на делегацијата од Вис, се привршуваат подготовките околу АСНОМ и на 2 август се одржува Првото заседание на кое Ченто е избран за претседател на Президиумот на АСНОМ на ова највисоко државно тело на Демократска Федерална Македонија (подоцна НР Македонија).За време на извршување на својата функција, Ченто бил многу почитуван од народот зашто се залагал власта целосно да биде народна и народот да може слободно и преку истата врата преку која влегуваат службениците, да влегува во институциите.
Првите несогласици на Ченто со комунистите, особено со Светозар Вукмановиќ – Темпо, почнале многу брзо по неговото преминување на слободна територија.По ослободувањето на Македонија несогласиците со тогашниот македонски врв продолжиле. Ченто бил против тоа 15 македонски корпус да оди на Сремскиот фронт, се залагал за обединување и поголема самостојност на Македонија, а бил против враќање на имотот на избеганите српски колонисти од Мекдонија и се залагал за поголема финансиска независност и за сопствен буџет на Македонија. Комунистите полека му ја одземале реалната власт и поради несогласувањето со мерките што ги преземале комунистите, Ченто на 14 март 1946 година поднесол оставка на функцијата претседател на Президиумот на Народното Собрание на Македонија.
Неправдата кон Ченто е исправена по 44 години
Сакал да се повлече од политиката и мирно да живее во Прилеп, но на 14 јули бил уапсен пред својата куќа во Прилеп, а на 31 јули Министерството за внатрешни работи објавува дека Ченто бил уапсен поради обид за бегство во Грција. На 8 август против него било покренато обвинение, а на 19 ноември бил изведен пред суд во состав: Панта Марина (претседател), а Лазар Мојсов и Коле Чашуле, членови.
Судењето траело доста кратко и по два дена, на 21 ноември, Ченто бил осуден на 11 години затвор. Казната ја издржувал во скопскиот затвор Идризово, каде во најтешки услови бил во „специјалната ќелија“ и бил чуван од посебна стража. Му биле дозволувани само 30 минутни прошетки на одредено место во затворот и еднаш неделно посети на членовите на неговото семејство. Додека бил во затвор, властите често му нуделе да признае и да потпише дека згрешил и дека се покајува, а потоа животот да му биде целосно обезбеден. Но, Ченто ја одбивал оваа непристојна понуда од комунистичките власти.
По поминати речиси 9,5 години во затвор условно бил пуштен на 4 септември 1955 година, со длабоки траги од затворскиот живт врз неговото здравје. Побарал од Тито да му дадат пасош за да замине да се лекува во Швајцарија, но бил одбиен и починал на 24 јули 1957 година во својот дом во Прилеп.Но, и по излегувањето од затворот не се откажал од идеите за самостојна и обединета Македонија.
Долги години по смртта, Ченто бил табу тема и ретко бил спомнуван во историските книги и учебници, а и јавните разговори поврзани со него биле строго контролирани. Во 1990 година, на барање на неговиот син Илија, бил обновен судскиот процес против Ченто и на 22 октомври, по повторената кривична пресуда, Окружниот суд во Скопје ја укинал пресудата од 1946 година.На 22 октомври 2010 година, Претседателот на Република Македонија постхумно го одликувал Ченто со Орден на Република Македонија.