Бугарските граѓани може да гласаат во 11.643 избирачки места во Бугарија, а оние кои се во странство може да го остварат правото на глас на 751 избирачко место во 68 држави низ светот.

Откако ниту една партија не обезбеди стабилно мнозинство во бугарскиот Парламент, Бугарија во недела оди на трети избори во последниве 7 месеци. По неуспешниот обид на „Има таков народ“, ГЕРБ и БСП за формирање влада, мандатот беше вратен кај Претседателот Румен Радев, кој пак, ќе се трка за уште еден претседателски мандат.

Анкетите покажуваат дека седум партии би можеле да го поминат прагот од 4 отсто за да влезат во Парламентот. Освен ГЕРБ, место се очекува за движењето „Продолжуваме со промена“, Социјалистичката партија и „Има таков народ“ на Слави Трифонов.

Освен парламентарните избори, во истиот ден се одржуваат и претседателските. Предизборниот молк почна денеска и ќе трае до завршување на гласањето во недела.

Самостојно мнозинство не се очекува да освои ниту една партија, па Бугарија најверојатно повторно ја очекуваат тешки коалициони преговори во националното Собрание.

Во изборните анкети води Партијата ГЕРБ на поранешниот Премиер Бојко Борисов. ГЕРБ има поддршка од околу 24 % од гласачите, но поради сомневањата за коруптивно работење на Борисов и неговите најблиски соработници на оваа партија и недостасуваат сојузници.

Бугарите утре гласаат и за Претседател на државата. Во трка се актуелниот шеф на државата, Румен Радев, кој го бара вториот петгодишен мандат. Предвидувањата се дека Радев и ќе ја добие довербата од гласачите, но по вториот круг од гласањето, против ректорот на универзитетот во Софија, поддржан од ГЕРБ, Анастас Герџиков.

Централната изборна комисија на Бугарија објави дека право на глас имаат 6.708.189 граѓани. Бугарските граѓани може да гласаат во 11.643 избирачки места во Бугарија, а оние кои се во странство може да го остварат правото на глас на 751 избирачко место во 68 држави низ светот.

Државите со најмногу бугарски државјани се Турција, кадешто има 58 избирачки места, и Велика Британија со 86 избирачки места.