Српскиот претседател Александар Вучиќ објави нов, несекојдневен предизборен спот во кој политичките напади, навредите и етикетите упатени од неговите критичари ги претвори во лепенки поставени директно врз своето тело. Видеото е концептуално изградено околу пораките со кои тој со години се соочува на српската политичка сцена, за да заврши со главната порака за единство на нацијата.
Во спотот, Вучиќ се појавува облечен во едноставна црна маица додека непознати лица едноподруго му лепат медицински фластери на градите. На самите лепенки се испишани зборовите „диктатор“, „психопат“, „предавник“, „монструм“, „лидер“, „манипулатор“ и „геноцид“, како одраз на обвинувањата од неговите политички опозиционери.
Додека зборува директно пред телевизиската камера, лепенките со навреди постепено му се отстрануваат една по една. На нивното место, на самиот крај од видеоспотот, се поставува една голема лепенка со натпис „Обединета Србија“ како завршна порака на неговата кампања.
За време на обраќањето во промотивниот материјал, претседателот директно се осврна на атмосферата во општеството и политичкиот притисок со кој се соочува секојдневно.
„Сето ова може да изгледа како кошмар, но не е. Ова е нашата реалност“, вели Вучиќ.
