Доследна примена на одредбите од колективните договори за усогласување на платите согласно порастот на инфлацијата, проширување на досегашни анти-кризни мерки со замрзнување на маржата кај досега определените продукти како и проширување на повеќе прехрамбени продукти, но и бесплатен градски превоз до и од работа се дел од предлог мерките на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), кои денеска ги презентираа пред владиниот Економски совет.
Од ССМ инсистираат и бараат отпочнување на социјален дијалог бидејќи сметаат дека може да се соочиме со штетни последици за работниците како што се губењето на реалната куповна моќ на работникот заради трошоците на живот – инфлација, опасност од доцнење на неисплата од заработената плата, затварање на работни места и отпуштање.
Од ССМ предлагаат платите во државата да го следат порастот на инфлацијата но и порастот на синдикалната кошница која ја изработува ССМ, како и проширување на досегашни анти кризни мерки со замрзнување на маржата кај досега определените продукти како и проширување на повеќе прехрамбени продукти.
-Бараме доследна примена на одредбите од колективните договори за усогласување на платите согласно порастот на инфлацијата како и утврдување на ваква одредба во општиот колективен договор за јавен сектор и општиот колективн договор за приватен сектор која ќе с еоднесува за сите работници и работодавачи, но и да се овозможи бесплатен градски превоз до и од работа со оглед на тоа што таквиот трошок за вработените граѓани е секојдневен и неизбежен, а несомнено го оптеретува домашниот буџет, се наведува во соопштението на ССМ.
Исто така, од ССМ бараат да се воведе повторно мерката за право на платежна картичка за купување домашни производи и плаќање на сметките за електричната енергија за одредена категорија на работници и граѓани кои се најзагрозени и најпогодени од економската криза односно бараат да се поделат вредносни картички за купување храна и плаќање на сметките за електрична енергија на одредена категорија на семејства, особено на оние чиј вкупен приход е во износ под просечна плата (31.812,00 денари) во едно четиричлено семејство во висина до разликата од синдикалната минимална кошница (48.230,00 денари).
Исто така, како што посочуваат, потребно е да бидат опфатени и категориите на средношколци и студенти кои се школуваат надвор од местото на живеење со субвенционирање на дел од трошоците од нивното сместување.
-Сојузот на синдикатите на Македонија како единствен репрезентативен синдикат и национален социјален партнер кој будно ги следи и анализира економските состојби во државата смета дека поради здравствената , енергетската и воената криза е потребно интезивирање на социјалниот дијалог во рамките на постоечките институции со цел отворен разговор и изнаогање на решенија за сите отворени прашања со цел ублажување на последиците од овие кризи особено за најранливите категории на работници и граѓани, потенцираат од Синдикатот.
Според ССМ, овие мерки за работниците и граѓаните од најранливите категории значат егзистенција во оваа економска и енергетска криза.
-Очекуваме Владата наредната недела на седница на Екомомско социјалниот совет да ги прифати ваквите мерки и на тој начин да им испадне во пресрет на работниците со најниски примања и најранливите категории на граѓани, потенцираат од Синдикатот.