Виенскиот економист, бизнис консултант и претседател на Австрискиот комитет за проширување на НАТО, Гинтер Фелингер-Јан, ја објави својата сеопфатна визија за идниот државен систем на Македонија. Преку платформата Х, тој официјално предложи транзиција кон нов федерален модел уреден по австриски терк, со кој наместо досегашната изразена централизација во Скопје, власта би била распределена на осум регионални единици.
Според неговиот концепт, секоја поединечна покраина треба да располага со сопствен регионален парламент односно ландтаг, регионална влада и гувернер со прецизно распределени надлежности во секторите образование, култура, регионален развој, инфраструктура и локална економска политика. Системот предвидува зачувување на силната улога на локалните општини, додека централната федерална власт би ги задржала исклучиво ингеренциите во надворешната политика, одбраната, националните стандарди и макроекономската стратегија.
Презентираниот територијален план дефинира точно осум покраини: Скопје, Полог, Североисток, Запад, Вардар, Исток, Југозапад/Охрид и Пелагонија/Битола. Оваа структура се предлага како механизам за овозможување рамномерен економски напредок и посилна регионална автономија ширум државата.
Како неодвоив дел од овој предлог, Фелингер-Јан ги постави амбициозните надворешнополитички цели за Македонија до 2029 година. Неговата стратешка рамка предвидува полноправно членство во Европската Унија, официјално прифаќање на еврото како државна валута, влез во Шенген-зоната и зачленување во престижната Организација за економска соработка и развој (ОЕЦД).
Австрија покажува како релативно мала европска земја може да комбинира заедничка држава со силни регионални идентитети и значајна регионална власт. Мојот предлог е да се прилагоди тој федерален принцип на географијата, заедниците и уставните традиции на Македонија. 8 покраини. Една Македонија. Една европска иднина. вели Гинтер Фелингер-Јан.
Иницијативата е надополнета со визуелна мапа на која се истакнати планираните територијални единици и економско-политичките патокази до крајот на деценијата. Фелингер-Јан, кој истовремено ја најавува сопствената кандидатура за претседател на Австрија за изборите во 2028 година, смета дека токму овој модел претставува единствена формула за стабилност, повисок раст и европска интеграција на земјата.
MY AUSTRIAN-STYLE OFFER FOR A FEDERAL MACEDONIA 🇲🇰🇦🇹🇪🇺
I propose a federal Macedonia built on the Austrian model: 8 strong Länder instead of excessive centralisation in Skopje.
Each region should have its own Landtag, regional government and governor, with clearly defined… pic.twitter.com/QtJ6JxHRG9— Gunther Fehlinger-Jahn (@GunterFehlinger) September 30, 2026
