На владина седница одржана на 24.10.2023, кога премиер бил Димитар Ковачевски од СДСМ, тогашниот министер за финансии Фатмир Бесими излегол со информација во која што бара од Владата да му одобри на државното правобранителство да влезе во деловни односи со  АЛТА банка Србија, откри премиерот Христијан Мицкоски во денешната Надзорна расправа „Причини за воведувањето администрација во Алта банка АД Битола, улогата и постапувањето на Народната банка и институционалната одговорност“ што се одржува во Собранието.

– На самата седница на Владата тогаш се отвора темата за АЛТА банка Белград. Односно, тогашниот министер за финансии Фатмир Бесими излегува со информација во која што бара од Владата да му одобри на државното правобранителство да влезе во деловни односи со АЛТА банка Србија. Уште во 2023 Владата на СДСМ и ДУИ му дава насока на правобранителството да влезе во деловни односи со истиот овој сопственик Давор Мацура. Па тука се поставува прашањето дали тогаш тие знаеле кој е или кога се одлучиле акциите кои ги поседува државата во банката која ја купува Мацура да му ги продаде имале претстава исто така дека тоа е руски капитал, прљави пари, криминално стекнати пари (како што велат сега) или тогаш тоа не важело – рече премиерот цитирајќи нацрт записник од наведената седница на Владата.