Вечерва и во текот на ноќта земјата ја зафаќа влажен и нестабилен бран проследен со поројни врнежи и засилен јужен ветер, што според синоптичарите ќе продолжат и во ноќта меѓу сабота и недела (8/9 ноември).
Во изминатите шест часа, на повеќе мерни места се измерени количества и до 28 литри на метар квадратен, а денешниот пик ја потврди прогнозата за обилни врнежи со дневни суми над 30 l/m². Ветерот претежно е јужен и југоисточен долж Повардарието, со повремени засилувања и изолирани грмежи.
Управата за хидрометеоролошки работи информира дека во последното деноноќие најголеми количества дожд се измерени во Пожаране и на Попова Шапка (по 32 l/m²), потоа во Маврови Анови и Крушево (23), Тетово (21), Претор (20), Лазарополе (14), Гевгелија (11), додека во Битола, Тополчани и Скопје–Зајчев Рид се забележани по 6 литри, во Ѓуриште и Пожар–Радовиш по 5, а во Прилеп, Велес и Скопје–Петровец по 4, додека во Штип и Кавадарци само 1 l/m².
Комбинацијата од денешните врнежи и најавените ноќни плисневи ја зголемува опасноста од краткотрајни задржувања на вода во пониските делови на градовите и локални поплавувања на коловозите.
Температурите и понатаму остануваат меѓу 12 и 17 степени, а променливо облачно време со чести локални врнежи ќе се задржи до вторник, со најинтензивни периоди во текот на ноќта и почетокот на неделата.
Возачите се предупредуваат да ја прилагодат брзината на условите на патот, особено на отворени делници каде југоисточниот ветер може да создава странични удари, а граѓаните се советуваат да избегнуваат движење покрај поројни канали и речни корита во периодите на најсилен дожд.
Во урбаните средини, јавните претпријатија и службите за чистота треба итно да ги прочистат сливниците и критичните одводни точки, додека управителите на згради и домаќинствата да ги проверат терасите и каналите за одвод.
Иако се очекува периодично слабеење на врнежите, влажниот бран ќе остане активен и ноќва, со можност за нови кратки, но интензивни плисневи.
