Правда за Слободан
На 26 јануари 2022 година, Слободан Ангеловски беше смртно прегазен на пешачки премин кај МНТ во Скопје од Гордана Филиповиќ, близу мостот „Гоце Делчев“. Неговото семејство, три години подоцна, сè уште бара правда за Слободан, но наместо разрешница, се соочува со низа скандали и одложувања во судскиот процес.
Рочиштата постојано се презакажуваат, судењето почна од почеток, а правдата останува далечна. Вчера во Кривичниот суд во Скопје продолжи процесот со испрашување на тројца сообраќајни вештаци. Беа изведени и материјални докази од трагичниот настан, но семејството излезе разочарано.
„Бараме правда за Слободан, но добиваме само одложувања и разочарувања. Секое рочиште е нова надеж, а секое одложување нов удар“, изјави член на семејството Ангеловски за „Курир“.
Одложувања и спорни вештачења
Судскиот процес е обележан со низа пречки: судија беше заменет поради обука, друг предмет беше приоритетен, обвинетата смени адвокат, член на судечкиот совет беше заменет, друг беше на боледување. Датумите за рочишта се пишуваа, бришеа и менуваа, секој нов термин носејќи надеж за семејството, но и разочарување при одложувањата. На вчерашното рочиште, семејството беше шокирано од исказите на вештакот на одбраната. Вештакот тврдел дека Слободан бил бутнат од „пикап“ пред да биде прегазен, за да се намали вината на Филиповиќ. Семејството го смета ова за понижувачко, тврдејќи дека е груба манипулација со нивните чувства.
Супервештачењето, побарано од Апелација, требаше да утврди дали друг возач влијаел на падот на Слободан. Семејството нагласува дека тврдењата за „пикапот“ се неосновани. Снимките покажуваат дека тркалата на возилото биле пред стоп-линијата. Овие сомнежи го засилуваат впечатокот за обид да се пренасочи вината кон возачот на „пикапот“, што семејството го отфрла како нелогично.
„Срамно е да се тврди дека Слободан паднал сам или бил удрен од друг. Снимките и вештачењата го покажуваат спротивното. Ова е обид да се замачка вистината“, изјави член на семејството.
Следното рочиште е закажано за 9 јуни, кога ќе се чита изјава од сведок во Германија и ќе сведочи обвинетата.