Кирил Петков, поранешен технички министер и еден од ко-претседавачите на коалицијата изјави дека веќе разговарал со Корнелија Нинова, претседателката на Бугарската социјалистичка партија (БСП, со Слави Трифонов, претседател на „Има таков народ“ (ИТН) и шоумен и со Христо Иванов, ко-претседавачот на коалицијата „Демократска Бугарија“.
ГЕРБ на поранешниот премиер Бојко Борисов и Движењето за права и слободи (ДПС), долгогодишен коалициски партнер на ГЕРБ, воопшто не се во игра.
-Идејата е да направиме нов процес на дискусија. Верувам дека има многу нешта што не обединуваат. Имаме многу заеднички теми, вклучително и со ИТН, рече Петков за телевизијата Нова, повторувајќи го кажаното од другиот ко-претседавач на ПП, Ален Василев вчера – да се направат работни групи по области во кои ќе учествуваат сите партии предвидени за владината коалиција.
Петков објасни дека ќе има и директни средби на претседателите на партиите, но нема да се прави поделба на министерства од старт, туку ќе се договара процесот за работните групи да се сплотат. Според него, можно е на интернет да има преноси од некои состаноци на работните групи.
-Ќе биде многу корисно за бугарскиот народ да чуе какви се политиките и кои се разликите, за коишто дебатираме. Да биде јасно дека нема заткулисни зделки и неправилни дискусии. Сите треба да знаат дека имаме заедничка национална цел, рече Кирил Петков.
Во договорот за идната коалиција ќе бидат внесени најмногу што е можно детали, за секој да се обврзе со точни и јасни цели.
Инаку, вчера поради слабите изборни резултати, oставки поднесоа Красимир Каракачанов, претседателот на националистичката ВМРО-БНД, како и неговите заменици: европратеникот Ангел Џамбаски, потоа Искрен Веселинов, Атанас Стојанов и Милен Михов. Стојанов, кој е градоначалник на Сандански, неколку часа пред оставката беше уапсен за купување гласови и задржан на 24 часа. Стојанов беше пуштен од притвор утрово.
Покрај нив, оставки поднесоа и други партиски лидери.