САД велат дека се водат сериозни преговори за ново примирје во Газа и ослободување повеќе заложници. По ветото и во пресрет на одложеното гласање на Советот за безбедност за резолуцијата на ОН, американскиот претседател Бајден со коментар.
„Во моментов во ОН преговараме за обликот на резолуцијата со која можеби ќе можеме да се согласиме. Тоа сè уште трае“, изјави Џо Бајден, претседател на САД.
Сепак, по разговорите во Каиро и Израел и Хамас потврдија дека се далеку од договор.
„Нема да има преговори за прашањето на затворениците пред да се прекине агресијата-овој став им е соопштен на сите страни“, изјави Осама Хамдан, висок функционер на Хамас.
Војната со Хамас ќе продолжи додека не биде елиминиран-изјави израелскиот премиер Нетанјаху.
„Ја продолжуваме војната до крај, сè додека Хамас не биде елиминиран – до победа. Нема да престанеме да се бориме додека не ги постигнеме сите поставени цели, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.
Во истовреме, офанзивата се проширува. Откриена нова мрежа тунели во срцето на Газа. Израелците тврдат дека водат директно до куќите на лидерите на Хамас.
„Продолживме со борби во Дарај и Туфах, расчистувајќи ја областа Џабалија. Ќе се погрижиме за безбедноста за да може жителите да се вратат дома. Откривме разгранета мрежа на подземни стратешки инфраструктури на Хамас“, изјави Даниел Хагари, портпарол на израелската одбрана.
Продолжуваат и воздушните напади. Има загинати и повредени цивили.
„Бев во автобусот кога се случи бомбардирањето. Успеав да избегам, не знам што се случи со останатите, изјави раселен жител на Газа.
САД вели дека Израел мора да го елиминира Хамас, но и да ги минимизира цивилните жртви.
Извор: МРТ