ПРЕГОВОРИ ЗА УКРАИНА ВО АБУ ДАБИ

Во Абу Даби попладнево завршија првите трилатерални преговори за безбедноста на Украина меѓу делегациите на Русија, САД и Украина, јавија руските медиуми.

Според нивните информации, руската работна група, предводена од началникот на Генералниот директорат на Генералштабот на вооружените сили, адмирал Игор Костјуков, по завршувањето на преговорите се вратила во хотелот.

Претходно, агенцијата ТАСС, повикувајќи се на информиран извор, објави дека преговарачките тимови во Абу Даби разгледувале повеќе документи поврзани со можен мир во Украина, при што биле опфатени „територии, безбедносни гаранции и други аспекти“.

Официјални лица потврдија дека ова е прв состанок од почетокот на војната, пред речиси четири години, на кој истовремено учествуваат претставници на Москва, Вашингтон и Киев.

Разговорите за постигнување мирно решение за Украина, кои започнаа вчера, продолжија и утрово зад затворени врати.

На трилатералните средби учествуваа американскиот пратеник Стив Виткоф, Џаред Кушнер – зет на американскиот претседател Доналд Трамп, како и секретарот на армијата во Министерството за одбрана на САД, генерал Даниел Дрискол. По завршувањето на разговорите, тие отпатуваа за Израел, каде се очекува да разговараат за иднината на Појасот Газа.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски вчера потврди дека на состанокот во Абу Даби било отворено и прашањето за територијата на Донбас.

Територијалните прашања остануваат една од главните точки на спор, бидејќи Русија бара Украина да се откаже од 20 проценти од територијата на Доњецк што сè уште ја контролира, додека Зеленски јавно одби да прифати такво решение.