На дневен ред на седницата е точката за утврдување предлог за избор на судии на Уставниот суд на Македонија.
Помеѓу претседателката на Комисијата Марија Георгиевска од СДСМ и заменик-координаторката на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Ели Панова имало расправија и тоа доведе до прекин на седницата на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата која требаше да продолжи попладнево, пренесува Нова Македонија.
Додека траеше препирката, околу 20-на минути, двете пратенички речиси постојано зборувале истовремено – Георгиевска ѝ викала на Панова да го исклучи микрофонот и да го овозможи одржувањето на седницата, а Панова возвраќала дека има право на збор.
Георгиевска најпрво му дала збор на пратеникот Игор Здравковски, но веднаш реагирала Панова, потсетувајќи ја претседателката дека побарала да се обрати процедурално. На тоа Георгиевска ѝ рекла дека веќе го најавила почетокот на седницата и обраќањето на пратеникот Здравковски. Панова ѝ укажала дека повторно го крши Деловникот кој ѝ овозможува, како што рече, процедурално обраќање како заменик-координатор.