Секторот за внатрешни работи Тетово на Л.Н.(52) од Пробиштип која времено престојувала во Тетово и на тетовката Џ.Р.(47) им изготви соодветни поднесоци по член 16 од Законот за прекршоци против јавниот ред и мир, затоа што во текот на овој месец двете пријавиле физички напади и побарале полициска интервенција, а потоа се предомислиле и не го потврдиле пријавеното, информира Марјан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово.

Според статистичките податоци на СВР Тетово, во изминатите девет месеци од оваа година на подрачјето се бележат вкупно 204 реални нарушувања на јавниот ред и мир, односно прекршоци. Во овие нарушувања биле инволвирани 279 сторители, а најголемиот број од прекршоците се целосно расчистени и заокружени со соодветни поднесоци по Законот за прекршоци против јавниот ред и мир.

-Најмногу од прекршоците за кои се изготвени и барања за поведување на прекршочни постапки се случиле во град, најчесто со поединечно учество на сторителите, од кои во овој период дури најмногу биле мажи.Најголемиот број од сторителите се на возраст над 25 години. Меѓу евидентираните прекршоци повторно најбројни се физичките напади 82 се случиле на тетовското подрачке, потоа тепачките, дрско и непристојно однесување, исто така, навредување и омаловажување на службено лице или државен орган и така натаму, посочува Јосифоски.

Во периодот за кој станува збор, регистрирани се два прекршоци во и околу училишта и три на спортски натпревари, додека не се бележи ниту едно нарушување на јавниот ред и мир со меѓуетнички предзнак.