На јавниот повик до невработените лица за пилот мерката „Втора шанса“ за дообразование, објавен на 31 декември 2022 година, досега се пријавиле 107 лица, а вкупниот опфат е 200. Најголем интерес е покажан за електромашинска, угостителска и прехранбена струка. Видеото може да го погледнете тука.
Како што истакна министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска на денешната работна средба за оваа мерка, осма по ред како дел од ИПА проектот „Активација на ранливи групи на пазарот на трудот“, целта е вклучување на што поголем број ранливите групи невработени со основно и незавршено средно образование да го дооформат своето образование и тоа во формалниот систем на образование, пред се средното стручно, со цел задоволување на потребата на реалниот сектор од квалификувана работна сила.
-Очекуваме дека по оваа и воедно последна регионална средба тука во Скопје, а притоа имајќи во предвид дека Град, општина со најголем број на жители, е Скопје, да има најголем број пријавени од тука, и планираниот опфат од 200 лица во целост да се реализира. Со тоа уште еднаш да се потврди прагматичниот и системски пристап на Министерството за труд и социјална политика, Агенцијата за вработување и други релевантни институции во справување со невработеноста во земјата, рече Тренчевска на состанокот кој се одржа во Средното угостителско училиште „Лазар Танев“.
Таа при тоа изрази жалење што при обиколката на кабинетите во ова училиште најголем дел од учениците кои се подготвуваат за готвачи и за угостителската струка, изјавиле дека својата кариера ја гледаат надвор од земјава.
-Поминав низ кабинетите во училиштето и учениците кои се овде, а верувам дека и во сите други стручни училишта е така, дека кабинетите се добро опремени. Но она што како кретаори на политиките или како министерка за труд ме стави во мисла е дека најголем дел од децата кои што завршуваат средно стручно образование својата иднина сакаат да ја побараат надвор од државата. Нашата инвестиција во системот на образование на децата е голема, и треба и како Агенција и како Министерство, особено и Министерството за обарзование и Министерството за економија да работиме на задржување на нашите млади овде. Верувам дека мотивот да останат овде ќе бидат сигурно поголемите плати со оглед на плата што овие млади лица ја добиваат во странство. Сите заедно како институции во наредниот период мора да се посветиме на тоа да го намалиме одливот на нашите млади кадри во земјите од ЕУ и да си ги задржиме овде, затоа што тие се иднината на државата, рече Тренчевска.
Според податоците на Агенцијата за вработување, заклучно со 31 јануари 2023 година од вкупниот број од 112 илјади невработени лица, скоро девет проценти се со незавршено средно образование. Мурати информира дека за имплементација на оваа пилот програма ќе бидат вклучени установи за стручно образование кои ќе добијат надомест од најмногу 30.750 денари по лице, а ќе се реализира во период од 12 месеци. Заинтересираните невработени лица можат да аплицираат до 30. центри на Агенцијата, а огласот е отворен за пријавување до исполнување на предвидениот опфат од 200 учесници.
„Втора шанса“ годинава се реализира како пилот – програма, а од следната година ќе биде вклучена во оперативниот план на АВРСМ и на МТСП.