Денеска, премиерот Христијан Мицкоски ќе присуствува на официјалното отворање на делницата Климештани-Охрид од автопатот Кичево-Охрид. Настанот ќе се одржи во близина на клучката кај аеродромот „Св. апостол Павле“.
Според информациите од владината прес-служба и Министерството за транспорт, предвидено е обраќање на претседателот на Владата, Мицкоски. На настанот ќе присуствуваат и ќе дадат изјави и потпретседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, директорот на ЈП за државни патишта, Коце Трајановски, како и градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков.
Средината на минатиот месец, премиерот Мицкоски, заедно со вицепремиерот Николоски и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Трајановски, извршија проверка на градежните работи на автопатот Охрид-Кичево. Тогаш беше пуштен во употреба надвозникот кај клучката во село Подмолје.
Премиерот тогаш изјави дека интензивно се работи на деловите од патот каде има свлечишта, а истовремено се подготвуваат проекти за стабилизирање на земјиштето, што е од клучно значење за комплетирање на целата траса. “Станува збор за неколку километри кај селото Ботун, но и оние делови каде се поврзува тунелот кај Пресека…”
Мицкоски додаде: “Кај Кичево има десеттина свлечишта, ваму има шест, така што очекувам од есенва да се работат теренски активности со што целата секција од Кичево до Охрид ќе биде стабилизирана и безбедна”, изразувајќи задоволство од сегашната динамика на работата на терен.
Освен на овој автопат, активно се работи и на други три автопатски делници во земјата: Тетово – Гостивар, Гостивар – Букојчани и Прилеп – Битола. Дополнително, објавени се јавни повици и тендери за патните делници Блаце – Скопје и Букојчани – Кичево.