Американското федерално обвинителство во Мајами го обвини премиерот на Британските Девствени Острови, Ендрју Фахи и уште две лица за перење пари и трговија со дрога, соопшти американското Министерство за правда.
Фахи (51) пред два дена беше уапсен на аеродромот во Мајами под обвинение за перење на пари, но и шверцување на кокаин во САД.
Гувернерот на Британски Девствени Острови Џон Ранкин потврди дека Фахи е уапсен, а британската министерка за надворешни работи Лиз Трас изјави дека е „шокирана“ од обвинувањата против премиерот.
Во кривичната пријава на американската Управа за борба против наркотици (ДЕА) се наведува дека Фахи се согласил да му дозволи на информатор, кој се претставил како член на мексиканскиот наркокартел Синалоа, да ги користи пристаништата на Британските Девствени Острови за испорака на кокаин, во замена за 500.000 американски долари. Истрагата почнала во октомври минатата година.
Според пријавата Фахи побарал помош и за враќање на долгот од 83.000 долари на човек во Сенегал кој, како што рекол, му „средил“ некои политички прашања.