Нема опасност од недостаток на горива во земјава, рече премиерот Христијан Мицкоски, откако вчера поскапе нивната цена како резултат на војната во Иран. Мицкоски кажа дека и покрај поскапувањата, цените на дизелот и бензинот во земјава се најевтини во споредба со земјите од регионот.

„Во регионот имаме најевтина цена на нафтата и поради тоа, граѓаните на соседните држави доаѓаат во пограничните предели да точат гориво. И покрај поскапувањата, кај нас дизелот е 1,39 евра, во Албанија е 1,79 евра или 30 проценти поскап. Во Србија е 1,73 евра, што е 25 проценти повеќе, во Косово 1,52 евра, во Грција 1,59 евра, а во Бугарија 1,41 евро. Очекуваме притисок во периодот кој следи, но имаме доволно количини и во моментов нема опасност од каков било недостаток. Ја следиме ситуацијата, разговараме со дистрибутерите и компаниите“, рече Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање по увидот во градежните работи на пречистителната станица во Кучевишка Бара, Општина Чучер Сандево.

Тој кажа дека утре ќе има средба со газдите на големите маркети за да побара од нив да не ги зголемуваат цените на производите.

Референтната цена на нафтата денеска падна на 90 долари за барел, откако американскиот претседател Доналд Трамп вчера изјави дека војната со Иран ќе заврши многу брзо.