Заев и Курти, како што инфоримирата од владината прес-служба, се повлекоа на тет-а-тет средба во кабинетот на премиерот Зоран Заев, а министрите до почетокот на заедничката седница одржаа повеќе билатерални средби.

На заедничката меѓувладина седница, како што е најавено, меѓу другото, ќе бидат потпишани договори и меморандуми за инфраструктурното поврзување на двете земји за олеснување и унапредување на економската соработка и комуникација, како и други меморандуми и програми кои опфаќаат соработка на меѓугранични проекти со поддршка на ИПА програмите на ЕУ, соработка на полето на енергетиката, како и на планот на туризмот, културата и унапредување на заедничките иницијативи во иновациите и технолошкиот развој.

Заедничката седница на двете влади, се вели во соопштението од владината прес-служба, доаѓа како потврда за одличните пријателски односи меѓу Република Северна Македонија и Република Косово во насока надградување на заемните интереси на двете земји и за споделувањето на заедничките определби за поинтензивна регионална соработка.

Работниот дел од посетата на Владата на Република Косово на нашата земја ќе заврши со заедничка прес-конференција на премиерите Зоран Заев и Албин Курти.