Во гостување во емисијата „Заспиј ако можеш“ на телевизија Алфа, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Љупчо Пренџов ги образложи ставовите на партијата за новиот Предлог-буџет и тековната економска состојба во државата. Тој направи споредба со периодот на владеење на СДСМ и ДУИ. Според него, просечниот економски раст тогаш изнесувал 1,1%. Додека годинава растот се движи од 3,5% до 3,8%.
Пренџов истакна дека домашната економија покажува подобри резултати во однос на претходните години. Исто така напомена дека новиот раст е повеќекратно повисок од претходните владини резултати.
„БДП е основниот параметар кој кажува дали државата оди во правилна или погрешна насока. Во седумте години на СДСМ и ДУИ просекот бил 1,1%. Денеска имаме раст од 3,5% до 3,8%, што значи дека најмалку три и пол пати оваа Влада е подобра во делот на економијата“, изјави тој, додавајќи дека државата и покрај обврските за отплата на кредити, го намалува јавниот долг поради, како што рече, „макотрпно штедење“.
Тој посочи и дека државата е фокусирана на капитални проекти, посебно на изградба на железничката инфраструктура која треба да ја поврзе Грција со Средна Европа преку Македонија. Пренџов оцени дека таквите инвестиции носат директен финансиски бенефит за земјата.
„За прв пат после многу години, долгот на државата е намален. Кога се зема кредит за железница, автопат или за проект што ќе враќа пари, тоа претставува капитално задолжување. Целата роба што ќе минува од Грција до Средна Европа преку Македонија ќе генерира приходи за државата“, нагласи Пренџов.
