Работната група разгледува измени и нови решенија

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Љупчо Пренџов, беше гостин во емисијата Топ тема на телевизија Телма, каде говореше за Изборниот законик и процесот на негово усовршување. Тој истакна дека целта на работната група, во која има претставници од сите политички партии и која се одвива во рамки на Министерството за правда, е да се има подобар изборен модел како и подобар изборен закон.

„Од стручен аспект, како политиколог, сакам да кажам дека не постои идеален изборен модел, така да не постои идеален изборен законик и секоја држава во зависност од својот историски развој определува кој е најдобриот изборен модел во тој период“, рече Пренџов.

Тој објасни дека дали ќе има нов изборен законик или само измени ќе зависи од обемот на промените.

„Изборниот модел е техника за избор на пратеници на градоначалници, советници и Претседател на државата. Она кое што е добро е тоа што на речиси на две години до следните парламентарни избори, се разговара на темата на нов изборен законик, дали ќе биде нов или ќе бидат измени во Изборниот законик зависи од тоа дали ќе се промени повеќе од 1/3 или ќе се промени помалку од 1/3, ако е помалку тогаш има измени и дополнувања, доколку е повеќе, тогаш одиме со нов изборен законик“, изјави Пренџов.

Целта е консензус и подобар изборен закон

Пренџов нагласи дека под успех од она што го имаат како брифинзи од работната група, се подразбира за колку работи политичките партии имаат консензус.

„Влегуваме со добра волја, со позитивна енергија, се со цел да имаме еден подобар изборен модел, подобар изборен закон, да ги слушнеме сите мислења, и за прв пат после многу долгу време, не се прави во очи на некои избори, туку се прави, народски кажано, натенане, на две години пред изборите, дека тоа е работна група од која што има од сите политички партии, со која што претседава министерот за правда, се одвива во рамки на Министерството за правда. Треба да му дадеме шанса и на крајот да видиме што ќе се случи со истиот“, додаде Пренџов.