„Во петокот минатата недела имавме прес конференција во која што зборувавме за јавниот долг на државата и колешката пратеничка од СДСМ од прес конференција од Бихакќа возврати дека буџетот е развоен и дека тие очекуваат дека согласно ЕБОР ќе имаме 2.3% раст. Повеќето меѓународни финансиски институции прогнозираат различен раст. Владата вика 2.9%, а ЕБОР вика 2.3%. А, пратеничката од СДСМ се повикуваше со податокот од ЕБОР 2.3%. Вечерта заменик претседателот на СДСМ вели оваа година очекуваме подобра економија и раст од 2.3%. и следниот ден премиерот Ковачевски и тој нагласи дека очекувал 2.3% раст. Пратениците на СДСМ аплаудираат на нивното партиско раководство и премиер дека ќе имаме 2.3% раст а економијата, а во Собрание гласаат дека ќе имаме 2.9%, а тие 0.6% се 84 милиони евра. Значи во старт имате проблем од 84 милиони евра во Буџетот, а аплаудирате во партија на 2.3%, а гласате 2.9% и добредојдовте во Република Македонија под власт на СДСМ и ДУИ“, истакна Љупчо Пренџов, пратеник од Коалицијата за „Обнова на Македонија“ во гостување во емисијата „Што не е јасно“ на Алфа телевизија.
Пренџов додаде дека треба да се врати Буџетот назад да се доработи и да се поднесе оставка.
„Два дена за ова од власта молчат. Два дена ги прозивам и два дена молчат“, нагласи тој.
Пренџов во текот на емисијата нагласи поради несериозноста на власта граѓаните страдаат и своите плати ги трошат единствено на храна и на сметки.
„Електричната енергија од први јуни 2017-та година до денеска е покачена за 42.3%. Пред пет години 42% помала сметка за електрична енергија. А, згора на се има и инфлација, имено цената на лебот е качена за 45%, масло за јадење за 50%, овошје на 25 до 30%, месото е качено за 30-40%. И тоа говори дека инфлацијата за граѓаните не е само 15% туку е 50%. И тука е 50% покачена електрична енергија и 50% покачено гориво, и обичниот граѓанин од наутро до навечер размислува како да го прехрани своето семејство, како да обезбеди пристојно образование и студирање на своето дете“, појасни пратеникот.