Уставниот суд за првпат пријавил судија поради неизвршување на негова одлука, откако било утврдено дека судија од Основниот граѓански суд Скопје не постапил согласно одлука поврзана со предметот на новинарката Наташа Стојановска.
Од Уставниот суд информираат дека на 24 јули 2026 година за случајот биле известени Јавното обвинителство и Судскиот совет. Станува збор за одлуката БЗСП.бр.8/2025, која се однесува на заштитата на слободите и правата на Стојановска.
На 24 септември 2025 година, Уставниот суд утврдил повреда на нејзиното право на слободно јавно изразување, сторена со две претходни судски пресуди – на Основниот граѓански суд Скопје од 15 јуни 2022 година и на Апелациониот суд Скопје од 19 декември 2024 година.
Во мај годинава, адвокатот Филип Медарски го известил Уставниот суд дека одлуката не била земена предвид, откако предлогот на Стојановска за повторување на постапката пред Основниот граѓански суд бил отфрлен.
По разгледувањето на случајот, уставните судии на работен состанок на 15 јули со мнозинство гласови одлучиле да биде донесено посебно решение со кое ќе се утврди дека нивната одлука не е извршена. Таквото решение било донесено на седница на 22 јули.
Уставниот суд оценил дека Основниот граѓански суд се повикал на Законот за парничната постапка, но не ги зел предвид правните карактеристики на одлуките на Уставниот суд – нивната конечност, извршност и општа задолжителност.
Од Судот посочуваат дека во Основниот граѓански суд веќе постоела практика во која одлуки на Уставниот суд биле прифаќани како основа за повторување на постапка, а таквиот пристап подоцна бил прифатен и од Апелациониот суд Скопје.
Уставниот суд оценил дека во случајот на Наташа Стојановска не било овозможено остварување на нејзините уставни слободи и права, иако тие претходно биле утврдени со одлука на Судот.
Од Уставниот суд нагласуваат дека неизвршувањето на нивните одлуки може да биде предмет и на кривично-правна одговорност, додека прашањето дали во конкретниот случај постои кривична одговорност е во надлежност на Јавното обвинителство и надлежниот суд.
Ова е прв случај во кој Уставниот суд го применил новиот механизам за извршување на своите одлуки, предвиден со Актот на Судот кој е во сила од септември 2024 година.
Предметот се однесува на настаните во Собранието од 27 април 2017 година, кога Стојановска, како акредитиран новинар на телевизија „24 Вести“, била присутна за да известува за изборот на нов претседател на Собранието. По насилниот упад, според Уставниот суд, таа била изложена на закани и заплашување и била спречена да ја извршува својата новинарска задача, без да ѝ биде обезбедена соодветна заштита од надлежните институции.
