Над 3.500 гласачи излегле на изборите до 11 часот
На повторените локални избори за градоначалник во општините Врапчиште, Гостивар, Центар Жупа и Маврово и Ростуше, заклучно со 11 часот своето право на глас го искористиле 3.553 избирачи. Според податоците на Државна изборна комисија, тоа претставува 3,32 проценти од вкупно 128.286 запишани гласачи, кои гласаат на 215 избирачки места.
Највисока излезност во Маврово и Ростуше
Најголема излезност до овој пресек е евидентирана во општина Маврово и Ростуше, каде гласале 624 граѓани, односно 5,90 проценти од запишаните избирачи. Во Гостивар до 11 часот гласале 1.937 лица или 3,14 проценти, во Врапчиште 834 гласачи, што е 3,02 проценти, додека во Центар Жупа на гласање излегле 168 граѓани, односно 2,22 проценти.
Споредба со изборите од октомври: Пораст на излезноста само во Врапчиште
Во споредба со локалните избори одржани на 19 октомври минатата година, ДИК информира дека до истиот час зголемување на излезноста е забележано единствено во општина Врапчиште. Во останатите општини е регистрирано намалување и тоа во Гостивар за 1,96 процентни поени, во Центар Жупа за 2,61, а во Маврово и Ростуше за 5,82 процентни поени.
