Потрошувачката кошница пресметана од Министерството за економија за месец август изнесува 58.845 денари, што претставува разлика од околу 11 илјади денари во споредба со синдикалната потрошувачка кошница, која за истиот месец изнесуваше 68.675 денари.

Министерот за економија Бисар Дурмиши објасни дека разликата во добиените суми се должи на сосема поинаков статистички и методолошки пристап при пресметките.

„Мора јасно да кажеме дека станува збор за две различни методологии. Синдикалната кошница се базира на процена на посакуваните трошоци за живот, додека нашата пресметка се темели на официјални податоци за реално остварената просечна потрошувачка“, вели Дурмиши.

Според владините пресметки, најголемото разидување меѓу двете кошници е евидентирано во делот на трошоците за храна и пијалаци, каде што разликата изнесува 3.900 денари на месечно ниво.