Министрите за култура на Македонија, Грција и Албанија потпишаа заедничка изјава за заштита и афирмација на природното и културното наследство на Преспанскиот Регион. Документот ја поставува основата за подготовка на номинација на регионот за Листата на светското наследство на УНЕСКО.

Изјавата беше потпишана на трилатерална средба во Грција, на која трите држави ја потврдија подготвеноста за продлабочување на соработката. Ја потпишаа министерот за култура и туризам на Македонија, Седат Сулејмани, министерката за култура на Грција, Лина Мендони, и министерот за туризам, култура и спорт на Албанија, Бленди Гонџја.

На средбата присуствуваа и претставници на Европската Унија, УНЕСКО, Обединетите нации, локалните самоуправи и институциите од трите земји.

Сулејмани оцени дека заедничката номинација за УНЕСКО е значаен чекор во регионалната соработка. Тој нагласи дека целта не е само меѓународно признавање на вредностите на Преспа, туку и воспоставување долгорочен и одржлив модел за управување со регионот, кој ќе донесе конкретни придобивки за локалното население.

„Преспа, природно и историски, отсекогаш била една целина, иако нејзините брегови ги делат три соседни држави“, порача министерот.

Како основа за понатамошна соработка, Сулејмани ги посочи досегашните заеднички проекти и активности на институциите и експертите од трите земји. Меѓу нив се конзервацијата на живописот во црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново, спроведена во соработка со Европскиот центар за византиски и поствизантиски споменици од Грција, активностите со албанските институции на островот Мал Град и проектот „ACT4PRESPA“, поддржан од Европската Унија.

Според Сулејмани, досегашните искуства покажуваат дека има потенцијал за дополнително зајакнување на прекуграничната соработка и заедничката заштита на наследството.

„Кога ги спојуваме знаењето, добрата волја и заедничкиот интерес за овој регион, ние не градиме само проекти – градиме трајна и зрела соработка меѓу нашите три земји“, истакна тој.