Шестото издание на престижниот вински салон „Винодонија“, годинава во елегантната атмосфера на хотелот „Мериот“ на 25-ти и 26-ти ноември во Скопје ќе ги собере сите вљубеници на оваа божја напивка. „Винодонија“ стана традиција иако многумина ја нарекуваат – рај за хедонисти, бидејќи ја негува винската страст, промовира добри вина, настан што освен едукативен карактер со години ја потврдува својата цел: подигнување на винската свест и развој на нашата винска култура.
„Винодонија“ е настан полн со можности, гостите ќе може да дегустираат вина од околу 60 винарии, со импресивна бројка од над 450 етикети на вино.
„Винодонија“ по правило ќе понуди едукативен пристап кон виното: за два дена ќе се случат 5 работилници и мастер клас дегустации насловени по земјите и предизвиците:
„Запознај ја винската Унгарија“, „Запознај ја винската Хрватска“, „Основи на спарување на вино и храна“ и „Во светот на винските меурчиња“.
Гостите што за својот викенд – избор на 25-ти и 26-ти ноември ќе ја сакаат „Винодонија“ ќе имаат можност за нови вински информации, директно од енолозите и луѓе вклучени во производството на вино, со што ќе се запознаат најновите стилови и трендови во оваа индустрија.
Се разбира, виното со својата уникатност се надополнува со добрата храна: во рамките на салонот ќе можат да се вкусат и гастрономски деликатеси од околу 15-тина гастрономски брендови од Македонија.
И уште еден адут на „Винодонија“ кој ќе го комплетира возвишениот вкус на виното ќе биде настапот на џез бендот на македонскиот реномиран музичар Георги Шаревски.