Престрелка со огнено оружје се случила пред малку во населеното место Батинци, општина Студеничани. Првичните информации говорат дека се пукало од непознати лица од два автомобила во движење каде отвориле оган од автоматски пушки.

Во престрелката едно лице е загинато додека друго е повредено и се транспортира до скопските клиники.

Веднаш по настанот МВР излезе со детали од пукањето. Имено денес во 9:25 часот било пријавено дека во с.Батинци, скопско, две лица со патничко возило „мерцедес“ пукале кон патничко возило „форд“ во кое биле А.Б.И.(34) и З.И.(31), двајцата од с. Црн врв.

На местото на настанот починал А.Б.И., а З.И. се здобил со повреди и е пренесен за укажување лекарска помош во Ургентен центар-Скопје. СВР Скопје во координација со Одделот за специјални полициски операции и Одделот за воздухопловни единици преземаат мерки и активности за пронаоѓање на сторителите и расчистување на случајот, стои во Билтенот на МВР.