Основниот суд во Скопје донесе пресуди за дел од обвинетите во случајот со организирана проституција во Скопје

Основниот кривичен суд – Скопје донесе пресуда за тројца од четворица обвинети во случајот за организирање проституција во Скопје со девојки од Бразил.

На првообвинетата Де Јесус Невес Марлиене, државјанка на Бразил, ѝ беше изречена затворска казна од пет години и шест месеци.
Третообвинетиот Сабедин Демири и четвртообвинетиот Немања Михајловски добија условни казни – затвор од една година и една година и шест месеци доколку сторат ново дело во наредните три години.

Постапката за второобвинетиот Маан Махмалад е одвоена, бидејќи единствено тој не ја призна вината.

Обвинителката Сузана Мирчевска – Крстевска образложи дека дел од обвинетите сториле кривични дела „Посредување при вршење на проституција“ и „Перење пари и други приноси од казниво дело“.
За четвртообвинетиот Михајловски се товареше само за перење пари.

Обвинителството утврдило дека во период од декември 2023 до декември 2024, обвинетите организирале сместување и живот за пет девојки од Бразил во Скопје, во два стана во „Џевахир Холдинг“, каде тие давале сексуални услуги.

Клиентите контактирале преку веб-страница наменета за ескорт услуги во Европа.
Првообвинетата Марлиене ги контролирала профилите, ги организирала термините и директно комуницирала со клиентите. Цената за услугите се движела од 150 до 800 евра.

Марлиене добивала 30% од секоја заработка на девојките.
Обвинителката објасни дека таксистот Сабедин Демири ги превезувал и им помагал на девојките. Исто така, испраќал пари преку трансфер до лица по нивна инструкција, со што го прикривал потеклото на средствата.

Во еден случај, испратил пари и до Португалија на првообвинетата, за да не се открие изворот на парите.

Четвртообвинетиот Михајловски, според обвинителството, знаел како девојките ги заработуваат парите.
Тој ги конвертирал средствата во криптовалути, извршувал трансакции и на една од нив ѝ отворил крипто-паричник.

„Обвинетиот Немања е млад човек, но исто така на возраст која треба да значи созреаност и одговорност за сопствените постапки. Бил должен и свесен дека тоа што го прави претставува перење пари. Го знаел непосредно изворот на тие пари и ги користел криптовалутите, сметајќи дека тие се во сивата зона на платниот промет“, рече обвинителката Мирчевска – Крстевска.