Десничарот Карол Навроцки победи на изборите во Полска со минимална разлика од 0,89%. Резултатот ги изненади анкетите.
Полска пред нова политичка ера со претседател близок до десницата
Кандидатот поддржан од десничарската партија Закон и правда (ПиС), Карол Навроцки, е новиот претседател на Полска по тесна победа над проевропскиот кандидат Рафал Тшасковски. Според официјалните резултати, Навроцки освои 50,89% од гласовите, наспроти 49,11% за неговиот ривал.
Државната изборна комисија објави дека Навроцки добил 10.606.877 гласови, додека Тшасковски – 10.237.286. Победата следеше по драматичен пресврт, бидејќи првичните излезни анкети му даваа блага предност на Тшасковски, кој дури и ја прогласи победата. Навроцки, пак, изјави: „Ќе победиме и ќе ја спасиме Полска. Мора да победиме вечерва.“
Од Тшасковски до Менцен: битката што ја промени Полска
Претседателската трка ја обележаа јасни идеолошки разлики: Навроцки се залага за конзервативни вредности и силна национална политика, додека Тшасковски водеше кампања со фокус на европска интеграција и демократски реформи.
Одлучувачки за резултатот беа гласовите на Славомир Менцен, кандидат од либертаријанската десница, кој во првиот круг освои 15,4% од гласовите. Навроцки упати отворен повик кон него и неговите поддржувачи за соработка „во борбата против монократијата на Доналд Туск“.
Трасковски и Навроцки во тесна трка по првиот круг од претседателските избори во Полска
Поранешниот претседател Анджеј Дуда, кој доаѓа исто така од редовите на ПиС, му честиташе на својот наследник на социјалната мрежа Икс: „Честитки до победникот! Остани силна, Полска!“
Новата политичка реалност во Полска ветува тензии – претседателот има право на вето, што значи дека односот со проевропската влада на Доналд Туск ќе биде од клучно значење за иднината на земјата.
Извор: 360 степени