Валенсија доживеа нов разочарувачки пораз на домашен терен откако загуби со 1:2 во пресметката против Виљареал. Македонскиот репрезентативен чувар на мрежата Столе Димитриевски имаше солиден настап на голот, но неговите интервенции не беа доволни тимот да стигне до позитивен резултат.

Гостите први се заканија уште во почетната фаза од натпреварот преку Бјукенен, но Димитриевски навремено реагираше и го сопре неговиот обид. Домашните фудбалери немаа сериозна шанса за погодок во првиот половина час од играта, сѐ до 35-тата минута кога беше досуден пенал за Валенсија. Раба оствари брз пробив по десната страна, Веига го запре со недозволен старт, а главниот судија покажа на белата точка. Пепелу ја презеде одговорноста и со исклучително прецизен удар го отвори резултатот.

Во второто полувреме Валенсија продолжи да создава притисок, но Гаја во 53-тата минута пропушти одлична можност за зголемување на предноста. Само пет минути подоцна Данџума се најде во сериозна прилика пред голот на гостите, но мрежата остана да мирува. Казната за промашувањата стигна во 69-тата минута кога по добро организирана акција на Виљареал од левата страна, Фримен со прецизен удар со глава ја смести топката во мрежата за 1:1. Молеиро пет минути подоцна имаше нова можност, но неговиот удар заврши покрај голот.

Натпреварот доби тензичен карактер во завршницата откако во 76-тата минута капитенот Гаја заработи директен црвен картон поради силен и груб удар со лакт врз противнички играч, одлука што беше потврдена по прегледот на ВАР снимката. Набрзо потоа и Виљареал остана со десетмина на теренот, откако Елиот за неколку секунди направи два прекршока и доби втор жолт картон. Конечниот шок за домаќините пристигна во петтата минута од судиското продолжение, кога Микаутадзе повлече брз контранапад и постигна погодок за конечна победа на Виљареал од 1:2.