Специјалниот пратеник на американскиот претседател, Стив Виткоф, соопшти нови детали од разговорите меѓу Доналд Трамп и Владимир Путин, нагласувајќи дека рускиот претседател се согласил на силни безбедносни гаранции за Украина. Според Виткоф, тоа е пресвртница во преговорите.
„Се договоривме дека САД и европските земји би можеле ефикасно да понудат формулација слична на Член 5 за да покријат безбедносна гаранција“, изјави Виткоф.
Путин жестоко се противи на членството на Украина во НАТО, но Виткоф оцени дека ваквиот аранжман би можел да биде алтернатива за Киев.
Тој исто така нагласи дека на самитот било разговарано и за територијалните прашања, при што рускиот претседател направил одредени отстапки во однос на пет региони – целосно повлекување од Харков, Суми и Днипропетровск, а замрзнување на конфликтот на линијата на фронтот во Херсон и Запорожје.
„Доњецк останува важна тема на дискусија и за тоа ќе се разговара и утре“, додаде Виткоф.
На состанокот во Енкориџ, Путин, според информациите, побарал од Украина целосно повлекување од источните региони Доњецк и Луганск, во замена за замрзнување на остатокот од фронтот.
Виткоф изјави дека на враќање од Алјаска имале детален разговор со Зеленски и дека очекува утрешната средба во Вашингтон да донесе продуктивни резултати.