Истепаниот секретар на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ од Охрид, Христијан Пендиков, наместо во болницата во Скопје ќе се лекува во болницата во Софија, соопшти Амбасадата на Бугарија во Македонија.
Како што објавија бугарските медиуми, Пендиков ќе биде пренесен со бугарскиот владин авион „Фалкон“.
„По наредба на премиерот Галаб Донев, организиран е транспортот во Бугарија на граѓанинот на Република Македонија со бугарско самосвест и секретар на организацијата ‘Цар Борис Трети’, Христијан Пендиков, кој синоќа беше нападнат и претепан во градот Охрид. Владиниот авион ‘Фалкон’ со екипа од Воено-медицинската академија – двајца лекари и медицинска сестра за реанимација, замина за Република Македонија. Повредениот Кристијан ќе биде примен на Медицинската академија каде ќе ја добие потребната терапија“, објавија бугарските медиуми.
Како што објави Телма повикувајќи се на свои извори, во тепачката во охридскиот ресторан немало политика, туку долгогодишна нетрпеливост и недоразбирања меѓу учесниците во инцидентот, што им е познато на охриѓани.
Од СВР Охрид официјално соопштија дека 22-годишниот Пендиков синоќа пријави дека во угостителски објект во Охрид, физички бил нападнат од тројца охриѓани, од што се здобил со тешки телесни повреди. Полицијата работи на расветлување на настанот.
Според извори на Телма, кога тројцата охриѓани влегле во ресторанот, секретарот на бугарското здружение веќе седел на маса. Тој почнал да ги навредува и да ги провоцира, а по вербалните дофрлања, дошло и до физичка пресметка.
Од полиција нема потврда дека инцидентот се случил поради омраза кон Бугарите, а што точно се случило ќе утврдува истрагата.