Бројот на хоспитализирани пациенти се зголемува – во тек подготовка за нивно испраќање во странство

Во здравствените установи во Скопје и Штип моментално се хоспитализирани 89 пациенти кои се повредени во катастрофалниот пожар во кочанската дискотека „Пулс“ на 16 март, изјави заменик-министерот за здравство, Јовица Андовски. Според него, 76 пациенти досега се испратени на лекување во странство. Се подготвуваат и дополнителни испраќања во Австрија, Полска, Холандија, Италија и Норвешка.

„Во текот на денот ќе знаеме точна бројка за секоја од овие земји“, додаде Андовски.

Во меѓувреме, Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ) информираше дека вчера биле хоспитализирани уште 20 повредени пациенти, меѓу кои и тројца пожарникари. Во земјава пристигнаа и медицински тимови од Чешка и Израел за дополнителна помош.

Клиниките се мобилизирани, очекуваат можни компликации

Директорот на Клиниката за дигестивна хирургија, д-р Огнен Костовски, изјави дека дел од пациентите кои се испратени во странство се во потешка состојба. Тој истакна дека тие што останале во Македонија се стабилни.

„Ниту еден пациент во моментов нема да биде пуштен на домашно лекување, дури и полесно повредените се задржани на опсервација“, истакна Костовски.

Според д-р Андон Чибишев, директор на Клиниката за токсикологија, четворица пациенти со влошена состојба се префрлени на КАРИЛ. Тројца ќе бидат пренесени во странство.

„Состојбата на четворица пациенти не е стабилна, иако сите сме мобилни и имаме засилени медицински тимови. Особено внимаваме на пациенти кои имаат изгореници на горните дишни патишта и тешко труење со јаглероден моноксид, бидејќи овие состојби може да доведат до компликации во наредните денови. На сите пациенти им препорачавме задолжителни контроли во следните 10 дена“, изјави Чибишев.

Судски постапки против осомничените за трагедијата во „Пулс“

Основниот суд во Кочани вчера одреди краткотраен притвор за 14 осомничени, вклучувајќи поранешниот министер за економија Крешник Бектеши и ексдиректорот на Државниот пазарен инспекторат Горан Трајковски. Притворот е во траење од 48 часа. Потоа ќе се знае дали обвинителството ќе побара 30-дневен притвор за некои од осомничените.

Градоначалникот на Кочани, Љупчо Папазов, исто така беше сослушан од обвинителството, но не беше приведен и си замина дома по испитувањето.

Здравствените капацитети во регионот веќе се преполни, па властите се принудени да испраќаат пациенти во подалечни земји.

Трагедија со големи размери

Во катастрофалниот пожар во дискотеката „Пулс“ животот го загубија 59 млади лица, најголемиот дел на возраст од 14 до 25 години. Истражните органи продолжуваат со испитувањето на одговорните за пропустите кои доведоа до оваа трагедија.

Извор: СДК