Истражните органи извршиле претрес на локации поврзани со судија од скопската Апелација, при што биле пронајдени неколку стотини илјади евра.
Според информации од Агенцијата за национална безбедност, Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, заедно со МВР, спровеле претрес на неколку локации на судијата Ѓоко Ристов од Апелациониот суд Скопје.
Судијата Ристов, како што се наведува, бил поврзуван со случајот на поранешниот државен правобранител Фехми Стафа, осомничен за примање мито во износ од 50.000 евра за предмет поврзан со лицето Љупчо Пецов, познат како Ѓаволот.
Според изворот на Канал 5 ТВ, акцијата била организирана врз основа на информации од АНБ, а во неа учествувале истражители и припадници на МВР.
Истиот извор тврди дека парите, во износ од неколку стотини илјади евра, биле пронајдени во викендицата на предметниот судија.
Се очекува официјално известување од надлежните институции.
