Претседателката на норвешкиот парламент поднесе оставка поради скандал со станови, само неколку недели по преземањето на функцијата.
Ева Кристин Хансен (49) била избрана во октомври со ветување дека ќе ја зголеми довербата во норвешката политика. Но, таа поднесе оставка само неколку недели откако се покажало дека користи стан финансиран од даночните обврзници во Осло и покрај тоа што има свој дом во близина.
Избраните функционери во политиката имаат право на домување во главниот град доколку живеат на повеќе од 40 километри од зградата на парламентот во Осло. Хансен ја навела својата втора адреса, во Трондхајм, оддалечен 500 километри, како нејзина официјална резиденција, добивајќи право на еден од 143-те опремени станови во државна сопственост.
Заедно со сопругот во 2014 година купила куќа во Ски, на само 29 километри од Осло, но продолжила да живее со скратено работно време во Трондхајм и ја променила официјалната адреса до 2017 година, кога се откажала од државниот стан. Ева Кристин Хансен, пратеник од Лабуристичката партија, рече дека немала намера да ги прекрши правилата, но признава дека скандалот ја поткопал нејзината позиција како претседателка на парламентот.
„Јас не сум измамник. Не сакав да направам ништо лошо. Не се збогатив. Плаќав кирија во Трондхајм и хипотека во Ски. Навистина е лошо што како претседател на парламентот погрешно ги разбрав прописите“, изјавил Хансен. Силви Листхауг, парламентарниот лидер на опозициската Прогресивна партија, ја поздрави оставката на претседателката Хансен: „Свесна сум дека ова е тешка ситуација за неа и нејзиното семејство, но немаше излез“. Таа изразила загриженост дека скандалот може да му наштети на угледот на парламентот, во земја каде што довербата во политичарите е генерално висока: „Ова се однесува на довербата на граѓаните. Ни треба некој со чисти сметки да раководи со парламентот“.
Хансен е пратеничка од 2005 година. Откако станала претседателка, таа вети дека ќе ја врати довербата во парламентот по бројните тужби за недолично однесување на пратениците. Таа била назначена по парламентарните избори во септември кои доведоа до тоа Јонас Гар Шторе да биде избран за норвешки премиер.