Претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска и дел од вработените од стручната служба на Судот се во работна посета на Република Бугарија, на покана на Уставниот суд на Република Бугарија во седиштето на Судот во Софија и во Велинград.

Посетата е во насока на зајакнување на соработката меѓу двата суда, предвидено во Меморандумот за соработка.

На работната средба се разменуваат искуства и знаења од двата суда за „Заштита и ограничување на основните права во време на вонредна состојба и предизвиците пред уставните судови” и „Комуникациски стратегии, политики и работни практики на уставните судови со медиумите и jавноста”.

Уставните судови на двете земји одржаа состанок во Скопје во мај 2022 година и потпишаа Меморандум за соработка, гласи забелешката од Европската Комисија, соопштија денеска од Уставниот суд.

– Овој Меморандум, е препознаен како позитивен чекор од ЕК, бидејќи е нотирано дека добрососедските односи и регионална соработка се суштински дел од евроинтегративниот процес на Северна Македонија и придонесоа за стабилност, помирување и клима погодна за решавање на отворените билатерални прашања и наследство од минатото”, посочи претседателката Добрила Кацарска.

Претседателката на Уставниот суд во Бугарија, Павлина Панова изрази задоволство за тоа што имаат можност да разговараат за суштински теми, како што вели, подеднакво значајни за двата суда, да размениме искуства на темата за заседавањето на Уставниот суд во време на COVID пандемијата, да ги споделиме сите дилеми кои се појавија и ситуациите кои ги решававме во тој период.

– Подеднакво важна тема е и транспарентноста и сакаме да го слушнеме вашето искуство, бидејќи Уставниот суд на Република Бугарија најавува унапредување на транспарентноста, кажа претседателката на Уставниот суд во Бугарија, Павлина Панова.

При посетата на Уставниот суд во Софија присуствуваше и амбасадорката на Република Северна Македонија во Бугарија, Агнеза Руси Поповска.