Уставното име Република Северна Македонија не беше спомнато од страна на новата претседателјка на државата Гордана Силјановска Давкова при нејзината заклетва.
Кога ги повторуваше зборовите од заклетвата кој и ги кажуваше претседателот на Собранието Јован Митрески, кога тој изговараше „Република Северна Македонија“, Силјановска изговараше само „Македонија“.
Терминот Република Северна Македонија не беше споменат ниту еднаш до сега во нејзиниот говор, кој се случува во моментот на објавување на овој текст.
– Изјавувам дека функцијата Претседател на Република Македонија ќе ја вршам совесно и одговорно. Ќе ги почитувам Уставот и законите и ќе го штитам суверенитетот, територијалниот интегритет на Македонија – изјави Силјановска Давкова која потоа доби громогласен аплауз од присутните во собраниската сала.
Новата претседателка се потпиша на свечената заклетва, а спикерот Јован Митрески ѝ го честиташе преземањето на новата функција и ѝ посака успех во работењето.
Веднаш потоа Силјановска Давкова беше повикана да се обрати пред присутните во парламентот.
– Моите зборови се во битка со емоциите. Не можев да замислам дека ваква доверба ќе добијам од над 560.000 граѓани, сè уште не ми се верува. Единствениот човек кој тврдеше дека ќе се случи тоа беше господинот Христијан Мицкоски. Јас му одговарав дека не е можно, ама тој тврдеше дека тој е математичар и дека тоа ќе се случи кога ќе има хармонија меѓу математиката и емоциите – рече Силјановска Давкова.
Таа во својот говор укажа на големото значење на жените во политиката и дека за сите ќе се грижи за сите еднакво.
– Ќе бидам претседателка и на левата и на десната страна. Ќе бидам претседателка на сите граѓани нема да правам разлика ниту по етничка ниту по верска ниту по полова ниту по каква било разлика, рече новата претседателка Силјановска Давкова.
– Време е за единство и за тоа ќе им се обратам на жените. Бидејќи ние покажуваме дека не се грижиме само за себе туку и за сите околу нас, посочи Силјановска во обраќањето кое беше посветено на улогата на жените во политиката и која треба да биде многу поголема.
Гордана Силјановска Давкова е прва жена претседател на Македонија.