Гаши ги распиша локалните избори и го потпиша решението
Претседателот на Собранието на Република Македонија, Африм Гаши, денеска, на 9 август 2025 година, ги распиша локалните избори кои ќе се одржат на 19 октомври. Тој го потпиша Решението за распишување на изборите согласно член 12 став 4 од Изборниот законик. Почитувајќи го рокот од 70 до 90 дена помеѓу распишувањето и одржувањето на изборите.
Со распишувањето на изборите, почнуваат да течат законските рокови за спроведување на изборните дејствија. Тие ќе се реализираат според Изборниот законик и според календарот што ќе го донесе Државната изборна комисија.
Првиот круг на избори за градоначалници и членови на советите во 80 општини, како и во градот Скопје, ќе се одржи на 19 октомври, согласно член 16 став 1 од Изборниот законик.
Доколку во некои општини изборите за градоначалници не завршат во првиот круг, вториот круг ќе се одржи на 2 ноември.
Во продолжение следува интегралната изјава на претседателот Африм Гаши:
Почитувани претставници на медиумите и на политичките партии,
Согласно Уставот, Изборниот законик, важечкото законодавство, како и врз основа на моите надлежности како претседател на Собранието, имам чест и институционална одговорност да ве информирам дека денес, официјално, го потпишав Решението за распишување на претстојните локални избори, кои ќе се одржат на 19 октомври 2025 година. Ова решение го доставив до надлежните органи за организирање и спроведување на изборите и очекувам максимален ангажман за реализација на чесен и демократски процес.
Ве информирам дека во текот на изборната кампања, која започнува дваесет дена пред одржувањето на изборите, Собранието ќе продолжи со редовното административно функционирање, но нема да одржува пленарни седници. Оваа одлука има цел да се избегне злоупотребата на собраниската говорница за изборни цели и да им овозможи на пратениците целосно да се посветат на комуникацијата со граѓаните.
Сакам да нагласам дека изборите не се прост технички процес, туку се суштината на нашата демократија.
Тие претставуваат реална можност граѓаните да изберат водачи кои одразуваат одговорност, визија и посветеност кон јавниот интерес. Така, 19 октомври 2025 година претставува важен момент за зајакнување на демократијата, подобрување на благосостојбата на граѓаните и за градење на подобра иднина за сите.
Како претседател на собранието, свесен сум за значењето на обединувачката улога што ми е доверена, како и за одговорноста што ја имам за да го гарантирам интегритетот и непристрасноста на нашите институции.
Затоа, упатувам јасен и искрен повик до сите политички сили, кандидати и соодветни структури да покажат висок степен на политичка култура. Да избегнуваат каква било форма на притисок, разделбен говор и секој обид за инструментализација на институциите и на јавните ресурси за партиски интереси. Ова е процес што треба да се фокусира на граѓанинот, на неговите реални потреби и предизвици, и на конкретните решенија што секој кандидат треба да ги понуди.
Очекувам овој процес да биде доказ за нашата демократска зрелост, каде се почитуваат, правилата, преовладува достоинството и се одразува слободната волја на граѓаните, а не резултат на притисоци или на манипулации. На овие избори неопходно е да ги покажеме европските вредности и стандарди за да ја одразиме нашата непоколеблива посветеност кон интеграцијата.
Гаши посакува успешни локални избори со фокус на идеи и визии за подобра иднина
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, им посака успех на сите кандидати и партии на претстојните локални избори. Тој истакна дека очекува изборите да бидат натпревар каде што идеите и визиите за подобра иднина ќе бидат во центарот на дискусиите. Гаши нагласи дека изборите треба да се одвиваат фер и демократски, со фокус на потребите и очекувањата на граѓаните.