Претседателот на бугарскиот Парламент, Росен Желјазков, во вторник треба да го посети Собранието на Република Македонија во работна посета. За време на посетата, тој ќе се сретне и ќе разговара со претседателот на Собранието, Талат Џафери, а потоа во Археолошкиот музеј ќе ја отворат изложбата „Сребрена Тракија“. Изложбата ќе прикаже 1700 експонати од 18 бугарски национални, регионални и општински музеи и е организирана од Националниот археолошки институт со музеј при Бугарската академија.
Според пишувањата на бугарските медиуми, пред работната посета Желјазков ќе ја посети и црквата „Свети Спас“ каде ќе положи венец пред саркофагот на Гоце Делчев. Дополнително, тој ќе присуствува на настан организиран од Бугарскиот Културно-информативен Центар во Скопје, каде што ќе бидат поделени ваучери за интернет обука за деца со посебни потреби на нивните родители и наставници.