Како што се наведува во соопштението од Собранието, Џафери го поздравил нагорниот тренд на развој на билатералните односи меѓу Република Македонија и Француската Република, кои се традиционално добри и пријателски и се одвиваат со несмален интензитет речиси три децении.
-Конструктивната соработка особено е видлива во доменот на европската интеграција на земјава, која добива нова димензија согласно француската Стратегија за европска интеграција на Западен Балкан. Тој ги запозна гостите со актуелната работа на Собранието, како и за реформските чекори во приоритетните области на процесот на евроинтеграција согласно новата методологија, при што искажа очекување на валоризација на нашите резултати, пред или за време на Француското претседавање со Унијата од јануари 2022 година, се посочува во соопштението.
Претседателот на Собранието Џафери го поздрави потпишувањето на Договорот за активностите во земјава на Француската агенција за развој, при што истакна дека поддршката од пријателска Франција секогаш доаѓа во вистинско време и во клучни области.
Сенаторката де Сидрак, на почетокот на нејзиното обраќање изрази длабоко сочувство за жртвите од трагичниот настан во Тетово и посака брзо закрепнување на повредените. Таа му се заблагодари на Џафери за срдечниот пречек и овозможувањето отворен разговор и добивање одговор на сите прашања за конкретните теми за кои беа заинтересирани, како што е општата здравствена состојба, процесот на евронтеграција на земјата и тешкотиите на тој пат. Таа високо ја оцени меѓупарламентарната соработка во меѓународните парламентарни собранија.
-Соговорниците изразија уверување за натамошна взаемна поддршка на мултилатерален план, особено во работата на меѓународните парламентарни собранија преку постојаните делегации. Беше констатирана и заложбата за натамошен развој на економската соработка, соработката во образованието, културата, продлабочувањето на меѓупарламентарната соработка и споделувањето на заедничките искуства од надворешната политика и парламентарната дипломатија, се посочува во соопштението.
Освен сенаторката Марта де Сидрак во состав на Делегацијата се и сенаторите Арно Базен, надлежен за соработката со Република Македонија, Венсан Сегуен, надлежен за соработката со Црна Гора и Микел Вале, надлежен за соработката со Република Србија. На средбата присуствуваа и претседателот на Пратеничката група на Собранието за соработка со Францускиот парламент, Александар Николоски и амбасадорот на Франција во Република Македонија, Сирил Бомгартнер