Претседателот на Република Северна Македонија Стево Пендаровски денеска ќе престојува во еднодневна работна посета на Република Словенија, по повод учеството на 11. состанок на лидерите на земјите учеснички во Процесот Брдо-Бриони, на покана на претседателот на Словенија, Борут Пахор и претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ.
Како што информира Кабинетот на Пендаровски, на состанокот, којшто се одржува во Брдо кај Крањ, ќе учествуваат претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај, претседавачот и двајцата членови на Претседателството на Босна и Херцеговина, Шефик Џаферовиќ, Милорад Додик и Жељко Комшиќ, претседателката на Република Косово, Вјоса Османи, претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ и претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ.
– На лидерскиот состанок ќе се дискутира за актуелните клучни теми во регионот и Европа, за процесот на проширување на Европската Унија со земјите од Западен Балкан, за безбедносната состојба и руската агресија врз Украина, како и за мерките и начините за справување со енергетската и економската криза со кои се соочуваме, како последица на војната во Украина, соопшти Кабинетот на Пендаровски.
Процесот Брдо-Бриони, како заедничка иницијатива на Словенија и Хрватска, е формиран во 2010 година, со цел забрзување на процесот на проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан, преку решавање на отворените билатерални и регионални политички прашања, и претставува една од најважните политички иницијативи во Југоисточна Европа, која воедно го трасираше патот за формирање на Берлинскиот процес.