Претседателот Стево Пендаровски денеска присуствува на 35. Охридски пливачки маратон што се одржува под негово покровителство.
На стартот, како што соопшти Кабинетот на Претседателот, тој им посакал мирно езеро и успешна трка на учесниците, нагласувајќи го нивниот придонес во афирмацијата на Охридскиот пливачки маратон.
Пендаровски, во придружба на талентирани ученици, добитници на награди на меѓународни натпревари, кои се негови гости како дел од програмата за поддршка на млади таленти „Отворен Кабинет за талентирани ученици“, проследија дел од маратонот.
Годинава во машка категорија се натпреваруваат Арне Фурлан Штулар од Република Словенија, Франческо Гетини од Италијанската Република, Матијас Дијас Хернандес од Аргентинската Република, Сидрит Деску и Арион Будима од Република Косово, како и домаќините Александар Илиевски и Евгениј Поп Ацев. Единствената учесничка во женска категорија, годинава, е аргентинката Рита Ванеса Гарсија.