Пендаровски, како што соопшти неговиот Кабинет, денеска во Малме ќе се обрати на Меѓународниот форум за сеќавање на Холокаустот и борба против антисемитизмот “REMEMBER – REACT”, на сесијата „Зачувување на сведоштва и развој на образование за иднината“.

На маргините на форумот, претседателот Пендаровски ќе оствари средби со претседателот на Светскиот Еврејски конгрес, Роналд Лаудер, со министерот за надворешни работи на Португалската Република, Аугусто Сантош Силва, и со државниот министер за Европа во Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија, Михаел Рот. Во Малме претседателот Пендаровски ќе ја посети Македонската православна црква „Св. Наум Охридски“, каде ќе оствари средба со претставници на македонски друштва од градот.

Утре во Малме, претседателот Пендаровски ќе оствари средба со премиерот на Кралството Шведска, Стефан Лофвен, додека во Гетеборг ќе оствари средба со претставници на Македонскиот сојуз во Шведска.

Во петок во Стокхолм, претседателот Пендаровски ќе оствари средба со претседателот на Парламентот на Шведска (Риксдаг), Андреас Норлен, со дел од членовите на комисијата за надворешни работи, комисијата за европски прашања, претседателот на групата за пријателство на Парламентот на Шведска со Собранието на Македонија и претседавачот и членови на Управувачката група на соработката за демократски развој со Македонија.

Предвидено е претседателот Пендаровски да оствари средба со министерката за надворешни работи на Кралството Шведска, Ан Линде и со претставници на Шведската агенција за меѓународна соработка и развој (СИДА).

За време на работната посета, во Стокхолм претседателот Пендаровски ќе ја посети Нобеловата фондација и ќе оствари средба со претставници на водечки политички фондации и институти. Предвидено е претседателот Пендаровски да оствари средба и со шведскиот дипломат Карл Билд.