-Владата ќе биде именувана в петок, како што јас предложив, вклучително и кандидатот на Пиратската партија, Јан Липевски, за министер за надворешни работи. Го ценам државничкиот чекор на претседателот кој и натаму инсистира на своите резреви и забелешки за квалитетот на тој кандидат , но не сака да ја оптоварува земјата со сериозен уставен спор, рече новиот премиер Фијала по средбата со Земан.

Уште пред да се сретне со кандидатите за министри, Земан изјави дека ќе стави вето на номинацијата на Јан Липевски за иден шеф на дипломатијата, бидејќи, како што објасни, му пречи што има само основни тригодишни академски студии и наводно ладен однос кон Израел и Вишеградската група.

-Денеска разговаравме за тужбата до Уставниот суд и што тоа би значело. Претседателот не постави услови, договоривме некои забелешки, на пример, во политиката кон Израел и Вишеградската група, и дека јас гарантирам дека секој член на Владата ќе ја почитува коалициската програма, рече Фијала.

Назначениот премиер Фијала додаде дека очекува неговата влада, која е коалиција од конзервативци, демохристијани и либерали, заедно со коалицијата на независни градоначалници СТАН и Пиратите, а кои имаат комотно мнозинство од 108 пратеници во 200-члениот Долен дом, довербата од парламентот да ја побара на 12 јануари.

Иако претходниците на Земан на чело на Чешка, Вацлав Хавел и Вацлав Клаус, имаа забелешки за некои од министрите пред нивното именување, особено Хавел за предложените министри во тогашната влада на Земан, никогаш не се случило тие да го прекршат Уставот и да одбијат да назначат министер.

Според проценките на повеќето уставни правници, тужбата до Уставниот суд за тоа дека претседателот Земан го прекршува Уставот, бидејќи нема право да одбие именување на министер избран од премиерот затоа што во чешкиот парламентарен систем премиерот е одговорен за владата пред парламентот, додека претседателот нема никаква одговорност за никого и има повеќе церемонијална функција, како британската кралица, би значела пораз за Земан.

Доколку и по одлуката на Уставниот суд, шефот на државата продолжи да се инаети и да не именува министер, парламентот може да бара да му се одземе функцијата.

Додека беше премиер, Земан го застапуваше истиот став како сега Фијала и повеќето експерти за уставно право тогаш јасно кажаа дека претседателот Хавел нема право нему, на премиерот, да му ги избира министрите.

Новиот шеф на дипломатијата се очекува да има поладен однос кон Русија и Кина, бидејќи тој беше еден од авторите на законските измени со кои руските и кинеските компании беа исфрлени од тендерот за надградба на нуклеарната централа Дуковани, а за чија учество Претседателот Земан лобираше многу активно.