Внатрешните судири меѓу умерените кандидати во Франција сериозно ја намалуваат нивната предност во пресрет на гласањето. Политичките превирања отвораат реален простор за радикализација на изборната сцена за претседателската функција.
Резултатите од анкетите покажуваат дека на претседателските избори во Франција, што се закажани во април следната година, во вториот круг најверојатно ќе учествуваат лидерката на крајната десница Марин Ле Пен и претставникот на крајната левица Жан-Лик Меланшон.
Тоа е индикатор дека внатрешните судири помеѓу центристичките кандидати за претседателските избори доведуваат до поделба на умерениот електорат и зголемување на веројатноста во вториот круг да бидат Ле Пен и Меланшон.
Поранешниот премиер во владата на претседателот Емануел Макрон, Едуар Филип беше главен фаворит за центристичката опција. Но, според поддржувачите на Макрон и политичките аналитичари, популарноста на Филип во анкетите е нарушена од неговата бледа кампања, заморот на гласачите по неговите два мандата, напнатата социјална и безбедносна ситуација и предизвиците во неговиот сопствен политички табор.
Филип, исто така, беше критикуван поради голем број изјави, меѓу кои дека новоизбраниот претседател идеално треба да има три месеци одмор пред да ја преземе функцијата.
Главен партиски ривал на Филип е вториот кандидат на центристите, исто така поранешен премиер Габриел Атал. Двајцата политичари се борат околу тоа кој од нив треба да се откаже во корист на другиот за да обезбеди кандидатура на центристите.
Според најновата анкета поддршката на Филип е под 15 проценти, што е за шест процентни поени помалку од септември. Додека Меланшон има поддршката од 16,5 отсто, со што би обезбедил втор круг против Ле Пен.
Атал има поддршка од 13 проценти, заостанувајќи зад Меланшон и Рафаел Глуксман, умерениот кандидат на централно-левичарската партија.
За гласовите на умерениот електорат се борат и Глуксман, поранешниот министер за внатрешни работи, десничарот Бруно Рејто и градоначалникот на Кан, Давид Лиснар.
