Се подготвуваат сите домашни ресурси за максимално производство на струја, а од денеска треба да стартуваат и активностите за работната група со Бугарија што ќе ги подготви техничките детали за договорот што ќе овозможи снабдување со 200 мегават-часа струја за потребите на државава заклучно со март.
Советот за безбедност (СБ) којшто вчера расправаше за енергетската криза одлучи да се подготват сите ресурси на државата за максимално производство на сопствена енергија. Целта, како што изјави премиерот Димитар Ковачевски, е во најтешкиот период кој почнува на 1 октомври и ќе трае до април 2023 година па и понатаму, до почетокот на летото, на сите граѓани, ученици, студенти, средни, мали и микро бизниси да им се обезбеди најниска можна цена на струјата, како и снабдување со топлинска енергија по сегашната цена со задржување на евтината тарифа и 24-часовна достапност.
Премиерот и членовите на Владата го информирале СБ за анализите и проекциите за претстојната сеозна, за чекорите кои досега се преземаа во однос на ескалирањето на цената на струјата, како и за мерките што ќе се поддржат за поддршка на домаќинствата и бизнис секторот.
Претседателот Стево Пендаровски информираше дека го свикал Советот за безбедност затоа што смета дека е важно да се слушнат сите надлежни на тема која овој период е далеку најважна и ги засега буквално сите и оти нѐ очекува тешка зима. Истакна дека нарушената безбедност на европскиот континент поради војната во Украина предизвика тектонски промени и неколку кризи кои се чувствуваат во повеќе сектори.
-Не е тајна дека не очекува тешка зима. По пандемијата сега сме соочени со голема енергетска и економска криза, рече Пендаровски.
До почетокот на идната година ќе нема поскапување на струјата, но, укажа Ковачевски, ако се погледнат сите влезни параметри, на сите им е јасно дека цените од идната година ќе бидат во пораст. Планот за производство на ЕСМ годинава ќе се зголеми за 25 отсто.
Постојат и ризици, посочи премиерот, поради можни испади заради застареност на опремата во некои блокови стари по 45 – 50 години, но и во однос на цените во светски рамки, евентуални забрани за извоз на природен гас и други суровини за производство на електрична енергија.
Според Ковачевски, до 300 милиони евра ќе бидат потребни за непречено снабдување со струја во наредните два квартала, дел од средствата се веќе обезбедени. Планот на Владата е да нема рестрикции, а догодина повторно да се субвенционира струјата за да не се дозволат ценовни шокови. Се работи и на нов енергетски план.
Квачевски по завчерашната средба во Софија со тамошниот технички премиер Донев рече дека Владата ќе направи сѐ за да обезбеди на стопанството цена на електрична енергија која ќе биде оптимална на овие услови, да биде под берзанската цена и да биде издржлива за стопанските субјекти.Тоа треба да се реализира со формирање на работна група и други активности со Бугарија и соодветните тела во Европската Комисија. Очекувањата се за максимум две недели да се дојде со одреден предлог кој мора да биде соодветен на легислативите на Бугарија и на Северна Македонија и на Европската унија.
Во државава од 1 септември повторно е прогласена кризна состојба во енергетиката која што овозможува помош на домашните капацитети за зголемување на производството на струја. Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ вчера најавија дека нема да го поддржат заемот од 100 милиони евра за ликвидност на ЕСМ додека не добијат извештај како се трошени парите за транспорт на јаглен.
Лидерот Христијан Мицкоски изрази загриженост и предупреди дека не чека многу тешка зима и периодични рестрикции на електрична енергија, за што, како што кажа, знае дека веќе се разгледува ова сценарио во ЕВН.
-Нашиот став е јасен: додека не видиме како онаа компанија формирана ден пред да го добие тендерот за транспорт на јаглен ги трошела парите, нема да го поддржиме. Затоа што тие пари им требаат за да ги договараат и злоупотребуваат тендерите за кризната состојбата и за ископ и транспорт на јаглен и мазут за РЕК Битола, ТЕЦ Неготино и РЕК Осломеј. Додека не видиме каде се потрошени парите нема да поддржиме. Првиот момент кога ќе го видиме тоа тогаш можеме зборуваме за се. Сега бараат сто милиони од ЕБРД, нормално тоа зависи од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, рече Мицкоски, кој најави дека ќе предложи социјален пакет.
Во меѓувреме, Владата на Србија донесе забрана за извоз на млеко, но од одлуката се изземени Северна Македонија и Албанија.
Покрај прогласената кризан состојбам од 1-ви месецов во државава се во сила и мерки за штедење во институциите со кои до крајот на март потрошувачката на струја треба да се намали за 15 проценти.