Реакција на ВМРО-ДПМНЕ на критиките од СДС

ВМРО-ДПМНЕ со реакција до јавноста вели дека „чуден некој феномен ги зафатил СДС“, бидејќи, како што наведуваат, и покрај јасни и релевантни податоци, тие не сакаат да ја видат реалноста.

„Сега им најдоа замерка и не им се допаѓа методологија за трошоците на живот кои ги пресметува Државниот завод за статистика, само затоа што резултатите не се онакви какви што тие посакуваат,“ стои во соопштението на партијата.

Од ВМРО-ДПМНЕ појаснуваат дека, иако е изборна кампања, нема потреба „на сѐ да гледаат црно, дури и кога резултатите се позитивни“. Според нив, бројките се јасни и недвосмислени.

Податоците покажуваат пад на инфлацијата и раст на БДП

„По долги години власт на СДС со двоцифрена инфлација, конечно таа е ставена под контрола и веќе почна да се намалува. Ова втор месец по ред како реалната инфлација во државава се намалува,“ велат од ВМРО-ДПМНЕ

Според податоците на Државниот завод за статистика, инфлацијата во септември 2025 година, во однос на август, бележи намалување од 0,2 проценти. Намалувањето, како што се наведува, е резултат на пад на трошоците за транспорт за 3,3%, ресторани и хотели за 1,3%, рекреација и култура за 0,7%, облека и обувки за 0,3%, разновидни стоки и услуги за 0,2% и храна и безалкохолни пијалаци за 0,1%.

Во реакцијата се додава дека покрај стабилизирањето на инфлацијата, економијата бележи позитивни резултати. „Во државата четврт квартал последователно БДП бележи раст од 3 или над 3%, а минатата година заврши со историски највисоко ниво на странски инвестиции во висина од над милијарда и 250 милиони евра,“ наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

„Да, и ние се согласуваме дека и ова е малку, но ова е почеток на враќање на состојбите во нормала и на заздравување на економијата,“ се вели понатаму.

Во партиското соопштение се истакнува дека Владата, преку економски модел кој ја води државата кон целосна трансформација, работи на подобрување на животниот стандард.

„Добро е што сега, за разлика од времето на власт на СДС кога инфлацијата рушеше двоцифрени рекорди, зборуваме за забавување на инфлацијата. Ова се резултати на добро проектираните економски мерки и политики на Владата,“ нагласуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Партијата заклучува дека приоритет на Владата е обезбедување на иднина, просперитет и поквалитетен живот за сите граѓани.

„Податоците потврдуваат дека со многу труд, посветеност и напорна работа, полека но сигурно се остваруваат,“ стои во завршницата на соопштението.