Министерството за внатрешни работи сомничи функционер на опозициската ДУИ за намерно предизвикување на пожари во подрачјето на Скопје.

Како што дознава „Фокус“, станува збор за претседателот на партискиот огранок во Шутооризари, во чиј дом полицијата веќе извршила претрес.

Според неофицијални информации, при претресот биле пронајдени пиротехника и други запаливи материјали, а воедно му бил одмезен и мобилниот телефон, со цел да се вештачи.

Полициски извори не информираат дека, меѓу останатото, се испитуваат сомнежите дека тој е поврзан и со пожарот во отпадот во Визбегово, бидејќи поседува имот веднаш до опожарената парцела.

Станува збор за функционер на „интегративците“ на локално ниво со иницијали И.Л., чиј, брат, пак, е шеф на кабинет на директорот на Јавното претпријатие „Паркови и зеленило“, под капа на Град Скопје на чело со Данела Арсовска.

Во врска со ова, се обративме и официјално до МВР, но од таму досега не добивме одговор на прашањето дали се откриени и други докази кои го доведуваат споменатото лице во релација со пожарите во главниот град.

Инаку, министерот Панче Тошковски на прес-конференција веќе соопшти дека полицијата има основано сомнение дека пожарите се потпалуваат организирано, но не откри детали колку и кои лица се осомничени.

Имаме основано сомнение дека пожарите се подметнати од страна на човечки фактор. Се истражуваат повеќе наоди за пожари близу клучни инфраструктурни капацитети, патишта, густо населени области и приватни имоти – изјави Тошковски.

Премиерот Христијан Мицкоски, пак, изјави дека не само што се сомневаат, туку и дека расплагаат со докази дека пожарите се подметнати.

Имаме и приведени лица коишто тоа го правеа, посебно на територијата на Скопје, на Градот Скопје – рече Мицкоски, додавајќи дека лицата кои веќе биле обезбедени укажуваат на тоа дека постои основано сомневање за „координирана и добро осмислена акција, посебно во Скопје“.

Досега, во врска со пожарите беа приведени малолетници кои биле дојдени во земјава од странство, но истовремено се испитуваат трагите за други лица, вклучително и за партиски функционери и лица поврзани со политички партии.