Таа денеска ги посети лабораториите кои се реновираат и се запозна со активностите помогнати со средствата одобрени за капитални инвестиции. Во рамки на повикот кој пред шест месеци МОН го распиша за проекти за модернизација на лаборатории на сите универзитети, прифатени се вкупно 44 тригодишни проекти во кои МОН инвестира 244 милиони денари. Два од поддржаните проекти се на Факултетот за земјоделски науки и храна и се во вредност од околу четири милиони денари.

-МОН посветено работеше да дизајнира систем за финансирање наука, зашто сметаме дека преку инвестиции на наука која е апликативна, навистина може да го забрзаме растот и развојот на нашата држава или да очекуваме економски просперитет. Земјоделството како подрачје е многу значајно за нашата држава и токму затоа, два од проектите што ги поддржавме се токму тука. Инвестицијата на МОН за распишаниот повик од 244 милиони денари се значајни финансиски средства за науката во последните десет години. Двојно зголемен е буџетот за наука од оној во изминатите години. Тоа укажува на тенденција на инвестиции од ваков тип, рече Царовска.

Деканот на Факултетот за земјоделски науки и храна Вјекослав Танасковиќ рече дека на средбата разговарале и за актуелни состојби околу вработување кадар на Факултетот, за студиските програми и за зголемување на интересот за студирање на тој факултет.

-За жал, интересот се повеќе опаѓа, а побарувачката на пазарот се зголемува. Разговаравме за можноста да видиме како да се субвенционира кадарот во наредниот период за да може да се зголеми интересот и да се задоволат потребите на пазарот на трудот односно стопанството, изјави Танасковиќ.

Во оваа пригода министерката Царовска посочи дека  дополнително олеснување за факултетите е направено и со потпишување на колективниот договор и зголемување на платите двапати по 10 проценти – во септември оваа година, и во наредната година 10 проценти, а првпат во колективниот договор, нагласи Царовска, е решен и минатиот труд.

-Тоа ослободи значителни средства на факултетите за понатамошни инвестиции и за развој на наука кај нив. Тоа ќе им овозможи да се развиваат и да се создаде кадровски потенцијал којшто ќе и помогне на државата да се развива, додаде Царовска.